fbpx

Кардиотокографија (CTG)

Кардиотокографија (CTG) претставува паралелно електронско следење на работата на срцето на бебето и контракциите на матката. Се спроведува за време на бременоста како и во текот на породувањето. По препорака на гинекологот, најчесто CTG се прави во третиот триместар. Неговата примена дава податоци за состојбата на бебето во матката, дали бебето добива доволно кислород преку плацентата. Исто така, CTG записот покажува како контракциите на матката влијаат врз срцевата работа на бебето.

Како се изведува?

Кардиотокографијата претставува едноставна и безболна метода. Се поставуваат две сонди на стомакот на бремената жена кои се зацврстени со еластичен појас. Едната сонда ја следи работата на срцето на бебето, додека другата го мери интензитетот честотата, и времетраењето на контракциите.. Со цел да се добие подобар сигнал, стомакот се премачкува со гел. Времетраењето на CTG тестот зависи од моменталната состојба, но најчесто доволно време за да се види состојбата на бебето е 20 минутен запис.

Работата на срцето и контракциите на матката се запишуваат во вид на графички шематски запис на хартија, а може да се зачува и на компјутер за понатамошно иследување. Срцевите отчукувања на бебето најчесто варираат од 110 до 160 во минута. Неговото срце работи многу побрзо од вашето и тоа е нормално

Доколку за време на ЦТГ не се регистрираат варирања во срцевите отчукувања паралелно со контракциите на матката, методата се повторува уште еднаш, со тоа што на бремената жена и се кажува да се раздвижи и да се напие течности.

Записот овозможува проценка на состојбата на бебето во матката

Според добиениот приказ од кардиотокографијата, вашиот гинеколог прави проценка на состојбата на бебето во матката. Во случај да се регистрираат родилни контракции, а не сте во близина на терминот, тогаш можно е ова да се знаци за предвремено породување, па гинекологот ќе ви препише кортикостероиди за забрзан развој на белите дробови и што побрза подготовка на бебето за надворешниот свет. Доколку приказот е во ред, тогаш гинекологот ќе ви каже кога да го направите следната рутинска кардиотокографија. Доколку постои каква било причина која наведува дека бебето не добива доволно кислород преку плацентата, тогаш ќе биде потребно да се започне со подготовка за чинот на раѓање.