fbpx

Со возраста се намалува плодноста

Оптималната плодност кај жената е меѓу 20. и 25. година. До значително намалување во плодноста, односно до пораст на неплодноста, доаѓа по 35., односно 38. година од животот на жената. Кај двата пола репродукцијата манифестно опаѓа над 40. година од животот.

Неплодноста генерално гледано е во пораст и претставува многу важен проблем на современата хумана репродукција.  Инциденцата на инфертилитетот во светот е меѓу 10 и 16%. При тоа кај околу 40% причината е кај мажот, приближно ист дел отпаѓа на жената, а кај околу 20% од случаите репродуктивните проблеми се општи, со нарушувања на нормалната состојба и кај двата партнера.

Се смета дека во Р Македонија инциденцата на инфертилитетот е дури поголема од 16%, односно дека секоја шеста двојка има проблеми со неплодноста.

Најчести причини за неплодност

Најчести причини за неплодност (поврзани пред сè со возраста) се: зголемената инциденца на полово преносливите болести и пелвичните инфламаторни болести. Тука пред сè се мисли на инфекција со хламидија (Chlamydia trachomatis), која се смета за најодговорна за зголемување на инциденцата на тубарната неплодност. Во светот значаен проблем претставува и инфекцијата со ХИВ вирусот. Дел од причините се и проблеми со овулацијата, ендометриоза, миоми на матката, синдром на полицистични јајчници ...; Намалената фреквенција на сексуални односи поради стилот и начинот на модерното живеење;  намалената желба за бременост;  намалената оваријална резерва со напреднатата возраст;  одлуката за раѓање, во просек за десет години подоцна во однос на трендот пред неколку децении...

Опаѓање на фертилноста кај жената со возраста

 Функцијата на јајчниците е двојна: репродуктивна и ендокрина. Имено, во јајчникот се создаваат и созреваат женските репродуктивни јајце клетки, а воедно јајчникот ги создава и женските полови хормони, стероиди.

Во јајчникот на фетусот стар пет месеци има околу 6.800.000,00 примордијални фоликули. Кај новороденчето во јајчниците има околу два милиони  примордијални фоликули, кои до периодот пред пубертетот се намалуваат на околу 300.000 – 400.000, а до пубертетот остануваат околу 30.000, што значи дека околу 9/10 пропаѓаат. Секоја година созреваат околу 13 јајни клетки, односно 350 – 500 фоликули во целата генеративна возраст на жената.

Според популациските статистики, периодот од 15-45 години ја репрезентира „групата во репродуктивна возраст“, додека средната возраст на менопауза е околу 51 година од животот, во зависност од генетската предиспозиција, расата, социо-економскиот статус, едукацијата, телесната тежина, периодот кога добила прва менструација или возраста при последната бременост ...

Со возраста се намалува како квантитетот така и квалитетот на јајце клетките кои често делуваат на квалитетот на ембрионите. Околу 90% од јајце клетките кај жените над 40-годишна возраст генерално се абнормални. Стапката на абортуси на возраст над 40 години е поголема од 33%. Според статистиките,  инциденцата на абнормални бремености кај жените на возраст над 40 години е 1/38.

Кај жените во поодмината возраст (над 44 години) како методи на лекување им се препорачува донација на јајна клетка или ембрион (ако има проблеми и со машкиот фактор).

Со возраста, исто така, се зголемува ризикот од хромозомски/генетски малформации кај потомството, како и стапката на спонтани абортуси. И самата бременост кај жени  на возраст над 35 години носи зголемен ризик не само од спонтани абортуси и генетски/хромозомски болести на плодот туку и зголемен ризик од високоризична бременост со појава на прееклампсија/еклампсија, гестациски дијабетес, интраутерин застој на растот на плодот... Исто така, и самиот акт на раѓање е поврзан со почести компликации и зголемен процент на оперативно завршување на раѓањето.