fbpx

Летањето со авион е безбедно за најголем број на бремени жени. Сепак, за да бидете целосно безбедни и сигурни советувајте се со вашиот гинеколог пред да го закажете вашиот лет. Зависно од вашата состојба докторот ќе ви препорача што е најдобро и најбезбедно за вас и вашето бебе. Доколку имате ризична бременост или шансите за предвремено породување се големи летањето со авион е ризик. Други ризик фактори вклучуваат:

  • Бременост со близнаци
  • Висок крвен притисок и дијабетес
  • Крвавење или аномалии на плацентата
  • Историја на тромбоза

Проверете ги условите на авиокомпаниите

Пред да го резервирате вашиот лет, проверете ги условите кои ги бараат авиокомпаниите во однос на бремените жени. Голем број на авиокомпании немаат рестрикции во однос на летање во првиот и вториот триместар во бременоста. Со цел да избегнете дополнителни проблеми, понесете го со себе  извештајот од гинекологот со дозвола за летање со авион. Најчесто, рестрикции за лет авиокомпаниите имаат доколку сте над 28 гестациска недела.

Кога е најдобар период за летање ?

Доколку летот не е поврзан со одреден датум, тогаш направете го тоа меѓу 14. и 28. недела. Голем број од бремените жени во овој период од бременоста се чувствуваат добро, бидејќи мачнините и шансите за предвремено породување значително се  намалуваат кон крај на првиот триместар.

Совети за удобен лет

Подгответе се за удобен лет. Наместете се на седиштето така што ќе заземете позиција која најмногу ви одговара. Носете лесна облека. Безбедносниот појас поставете го под стомакот за време на целиот лет. Пијте големи количини на вода за да останете хидрирани. Зависно од времетраењето на летот, станувајте повремено со што ќе ја подобрите циркулацијата. Додека седите, практикувајте да ги опуштите нозете, а за подобрување на циркулацијата правете кружни движења на стапалата. Пред летот избегнувајте храна која создава гасови. Опуштете се и уживајте во летот.