Повеќеплодова бременост се случува кога една јајце клетка ќе се подели на два ембрионa, пред да се имплантира во матката, или кога две или повеќе јајце клетки во исто време ќе се оплодат со различни сперматозоиди.
Разликуваме еднојајчани, идентични или уште наречени хомозиготни близнаци, и двојајчани или хетерозиготни близнаци. Првите настануваат со оплодување на една јајце клетка, која подоцна се дели на два идентични ембрионa, а вторите настануваат со оплодување на две јајни клетки со два сперматозоиди. Еднојајцевите близнаци имаат ист генетски идентитет, тие секогаш се од ист пол и изгледаат речиси идентично. Хетерозиготните близнаци настануваат од различни јајце клетки, секоја оплодена со различен сперматозоид. Во овој случај близнаците можат да бидат од ист или различен пол, не мора да личат еден на друг, имаат различен генетски идентитет, тие всушност се браќа и сестри кои во исто време растат во матката и се родени во исто време. Во случаите на повеќеплодова бременост, бебињата може да се еднојајчани (идентични), двојајчани или мешавина од двете.
Што ги зголемува шансите за повеќеплодова бременост?
Шансите жената да носи двојајчани близнаци се зголемуваат со возраста на жената. Покрај тоа, близначка бременост е почеста ако жената е близнак или ако во семејството од страна на мајката има близнаци. Појавата на близнаци е најчеста кај црната раса (во Нигерија со највисока стапка), а најниска кај жолтата раса (најниска стапка во Јапонија). Повеќеротките имаат зголемени шанси да имаат близначка бременост. Да не ги заборавиме процедурите за третман на брачна неплодност како медикаментозната стимулација на овулација, инсеминација, ин витро фертилизација (ИВФ), кои значително ја зголемуваат веројатноста за повеќеплодова бременост. При ИВФ процедурите кај жената се внесуваат најчесто два ембриона со цел да се зголемат шансите за бременост, но со тоа и се зголемуваат шансите за близначка бременост.
Колку се чести повеќеплодовите бремености?
Во нормална популација близначка бременост има различна честота во различни делови на светот, од 6–7 близначки бремености на 1000 раѓања во Јапонија до 40 на 1000 раѓања во Нигерија. Во последните години се зголемува бројот на парови кои не можат спонтано да постигнат бременост, па со методите на асистирана репродукција бројот на повеќеплодови бремености значајно се зголемува. Во последниве 20 години во САД од 18 близначки бремености на 1000 раѓања, бројот се зголемил на 33 на 1000 раѓања. Во 96% од случаите од повеќеплодови бремености, мајките носат близнаци.
Што треба да направите за да останете здрави ако носите близнаци?
Здрава, квалитетна исхрана со чести и необилни оброци, богата со витамини, минерали, доволно протеини и енергетски елементи е основа за нормален раст на фетусите. Не смее да се дозволи прекумерно добивање на тежина. Потребно е и доволно одмор, како и квалитетен физиолошки сон. Ова се златни правила за секоја трудница, особено за бремените жени кои носат близнаци. Се разбира дека редовни акушерски прегледи од искусен акушер се неопходни за правилно следење, како и навремено откривање на можните компликации се со цел на бремената жена да и` се овозможи донесување на свет на живи и здрави новороденчиња.