fbpx

Момче е или девојче? Сега целиот свет се врти околу розовата или сина боја.  Споделете ја новата информација на интересен и креативен начин. Уживајте во бременоста бидејќи сте на пола пат до породувањето. Сега сè изгледа полесно откако дознавте дека вашето малечко расте и се развива нормално. Во овој период симптомите како потење на дланките, грчеви во нозете, киселини во желудникот и потешкотии при спиењето се само дел од работите што прават да се чувствувате неудобно.

Важно: Доколку постои одредено сомневање за зголемен ризик на плодот за хромозомска болест при ултразвучниот преглед, доколку имате над 35 години или претходно дете со хромозомска болест или фамилијарно постоење на таква болест, вашиот гинеколог ќе ве упати да направите амниоцентеза.

Што е амниоцентеза? Тоа е испитување со кое низ стомакот на трудницата под контрола на ултразвук со многу тенка игла се зема примерок од плодовата вода. Амниоцентезата ги открива речиси сите хромозомски нарушувања вклучувајќи го и Дауновиот синдром, Тарнеровиот и Клинефелтеровиот синдром. Исто така, открива и неколку стотини генетски нарушувања како цистичната фиброза. Амниоцентезата не може да открие вродени анатомски аномалии како што се аномалии на срцето, расцепи на устата и непцето, меѓутоа тие се забележуваат при ултразвучниот скрининг во вториот триместар. 

 

Вашето бебе е со големина на банана

Просечната тежина изнесува околу 300 гр, а просечната должина е  околу 20-25 цм

Бебе во 20.недела

Бебето сега голта повеќе плодова вода

Спие и се буди во редовен циклус

Симптоми што најчесто се присутни оваа недела

Вагинален исцедок. Зголемено количество исцедок може да биде присутно сè до породувањето.

Грчеви во нозете. За да си помогнете, кренете ги нозете нагоре. Замолете го партнерот за кратка масажа на стапалата.

Киселини и потешко варење на храната. Јадете помали оброци, неколкупати во денот.

Енергичност  и зголемена сексуална желба.

Потешкотии при дишење. Како што бебето расте, ги притиска белите дробови.

Советуваме

Доколку сè уште не сте го направиле пренаталниот скрининг, ве советуваме дека најдобро е да го направите до 21.недела кога може најпрецизно да се видат сите органи и системи.

Опуштете се, стигнавте до пола пат.