fbpx

Бременост со карцином

Најчести малигни заболувања во бременост се: карцином на грлото на матката, дојката,  јајчникот, ендометриумот, а поретко меланом на кожата, леукемија, лимфом итн. Особено важно е вклучување на пациентката и нејзиниот партнер во донесување одлуки за адекватна информираност за можните опции, ризици и резултат за мајката и плодот во однос на дијагностички и терапевтски постапки.

Како се дијагностицира

Основни дијагностички процедури се: детална лична и фамилијарна анамнеза, инспекција, палпација, базичен бимануелен преглед, лабораториска анализа на крвта и анализа на специфични туморски маркери, биопсија на промената за хисто-патолошка потврда.

Најчести дополнителни дијагностички процедури се: ултразвукот, кој е многу важен за докажување на промени и нема опасност по мајката и плодот. Магнетната резонанца - MRI исто така е безбедна дијагностичка процедура, но без користење на контрастно средство. Рендген - на градниот кош и мамографија може да  се примени со физичка (оловна) заштита во пределот на матката. Компјутеризирана томографија - CT не е дозволена, освен во исклучителни состојби, поради јонизирачко зрачење. Сцинтиграфија не се препорачува. ПЕТ скен исто така е контраиндициран.

Принципи на лекување на карцином во бременост

Дијагноза и терапија на малигна болест во бременост е голем предизвик и за акушерот и за хирургот бидејќи и двајцата тежнеат да се спроведе неодложно лекување на мајката и да се одржи бременоста. За оптимален третман потребен е мултидисциплинарен пристап. Заедничка одлука треба да донесат пациентот, гинеколог – онколог, патолог, акушер и педијатар – неонатолог. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ овие случаи се лекуваат со препорака од стручна Комисија за малигни заболувања во проширен состав во кој има и психолог.

Препораките поврзани со класична или отворена операција во тек на бременост велат, доколку е можно, таа да се одложи до оптимален период, односно да се изведе во тек на вториот триместар, од 14. до 18. недела од бременоста, за да се намали процентот на спонтани абортуси, а да се има добар преглед во оперативното поле. Доколку се изведува лапароскопски, безбедна е во  која било гестациска недела, и по мајката и по плодот. Во првиот триместар најдобра е пристапноста во оперативното поле, но зголемен е процентот на спонтани абортуси. Во третиот триместар отежнат е пристапот во оперативното поле и потребно е да се мониторира состојбата на плодот. Најчесто, по претходна согласност на мајката, во овој период се пристапува кон царски рез и хируршка експлорација за малигното заболување.

Во однос на анестезијата што се користи во тек на интервенција, денес не постои разлика за  аномалии на плодот кај пациентки оперирани во тек на бременост и неоперирани бремени жени. Вообичаените дози на анестетици, мускулни релаксанти и аналгетици немаат негативно влијание на плодот, освен ако оперативниот зафат не трае повеќе часа.

Покрај хируршки третман, при дијагностициран карцином во бременост, особено при леукемија и лимфом, може за лекување да се користи и хемотерапија. Доколку е неопходно, таа е најбезбедна во период од 14. до 35. недела од бременоста. Сепак, ефектот зависи од видот на малигномот, староста на бременоста и од типот на хемотерапевтските лекови. Последната одлука ја носи пациентката,  дали ќе се лекува и дали ќе ја продолжи бременоста.

Радиотерапија – зрачна терапија не се препорачува пред завршување на бременоста.

Породување кај бремени со карцином

Треба да се преферира природен – вагинален начин на породување. Предностите на вагинално породување кај онколошки пациентки се: помал губиток на крв, намален ризик од инфекција, кратко траење на хоспитализација, подобра презервација на репродуктивните функции. Сè ова е посебно значајно за пациентки кои примале хемотерапија пред породување.

Породување со царски рез, доколку нема акушерска индикација, се прави во поретки случаеви, односно при цервикален карцином, метастази во долги коски и карлични коски, како и при метастази во мозок.

Неопходен е индивидуализиран пристап кон секоја пациентка со карцином во бременост за оптимален резултат од лечењето.