fbpx

11. недела

Следува период на брз раст и развој на вашето малечко. Од оваа до 20. недела (средината на бременоста) вашето бебе ќе ја зголеми тежината 30 пати, а должината 3 пати. Околу 11. недела ќе забележите неколку промени кај вас, како што се зголемување на вагиналниот исцедок и појава на кафена вертикалната линија во должина на стомакот (linea negra) која по породувањето исчезнува. Остана уште една недела до крајот на првиот триместар, а  хормоните поврзани со бременоста сè уште делуваат на вашето расположение и ги предизвикуваат утринските и дневни мачнини. И во оваа недела дозволете си одмор, посветете време само за себе бидејќи подоцна слободното време ќе биде она што најмногу ќе ви недостига.

ВАЖНО:
Од 11. до 14. гестациска недела
се прави првиот ултразвучен скрининг со кој се одредува ризикот на плодот од хромозомски аномалии. При тој преглед освен што се следи основната анатомија на бебето, се детектира и нухалната транслуценца – мала количина на течност под кожата зад вратот на бебето. Докажано е дека зголемена нухална транслуценца (над 2,5мм) е поврзана со зголемен ризик од Даунов синдром. Наведената промена најчесто природно исчезнува по 14та недела и доколку овој преглед се пропушти, се пропушта податок за можно постоење на хромозомска болест, која нажалост е неизлечива и е причина за навремен прекин на бременоста. Освен нухалната транслуценца се следат и носната коска, аголот на лицето на бебето, протокот низ одредени крвни садови на плодот.

Вашето бебе е со големина на лајм (зелен лимон)

Должината на фетусот изнесува 40 мм и тежи околу 7 грама. Соодносот на големината на главата со телото е речиси 1:1.

Бебе во 11. недела

  • Иако неможете да почувствувате, вашето бебе прави движења во матката
  • Кожата е многу тенка и проѕирна
  • Прстите на рацете и нозете се одвоени
  • Се формираат забните корени, фоликулите на косата и корените на ноктите

 Симптоми што најчесто се присутни оваа недела

Замор и мачнини. Не грижете, наскоро ќе се намали нивниот интензитет.

Гасови. Забавената работа на варењето на храната поради хормонот прогестерон доведува до гасови

Промени во расположение.

Грчеви во нозете. Може да се појават навечер и да предизвикаат проблеми со спиење.

Темнокафената вертикална линија на стомакот почнува да станува видлива. Позната е како linea negra и е сосем нормална во бременост.

Советуваме

Закажете го ултразвучниот скрининг кај вашиот гинеколог.

Наскоро почнува вториот триместар. Ќе се намалат мачнините и заморот, па ќе бидете расположени и со повеќе енергија.  Направете план  каде би сакале да се одморите со вашиот партнер.

Прочитајте зошто е важно да бидете активни во бременоста.