Kога се роди, Лавинија од Скопје имаше 780 грама, а сега ќе го слави вториот роденден Само 780 грама тежеше мојата Лавинија кога се роди во 28. гестациска недела, а сега е „голема“ девојка, има 21 месец и наскоро ќе слави втор роденден. А на почетокот, многу ми беше тешко, по првиот шок дека предвреме се породив. Првите 3-4 дена воопшто не го видов моето бебе, ја гледав само на фотографиите што ми ги покажуваше сопругот. Kога првпат ја здогледав, таа беше многу малечка, па мораше цели 72 дена да престојува на интензивна нега во болницата, каде што постојано доаѓав по 4 пати во денот и го оставав мајчиното млеко. Вака раскажуваше среќната мајка Сузана Данаиловски од Скопје на вчерашниот Светски ден на предвреме родените бебиња, кој се одбележа и во Kлиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје, и тоа заедно со 20-ина предвреме родени бебиња во оваа установа и со нивните родители. Најмалото бебе родено во оваа болница е во 25. гестациска недела со тежина од 650 грама. Во моментов, имаме бебе што беше родено во 26. гестациска недела со тежина од 790 грама. Сузана раскажува како го пребродила периодот додека ќеркичката морала да остане во болницата: - Речиси 2,5 месеца Лавинија беше во инкубатор, но успеавме и да се гушкаме, што ми даваше дополнителна сила. Таа е многу дружељубива, сака луѓе и оди кај секого без страв. Тоа ми е прво детенце, со ин витро е зачната во оваа болница, а планирам, здравје Боже, и второ да родам. Морам да кажам дека лекарите во „Аџибадем Систина“ ми беа многу голема поддршка и без нив сигурно е дека немаше да биде вака. Секоја чест за сите нив кои 24 часа се грижеа за децата на интензивна нега, каде што ние родителите во секое време можевме да се јавиме и да прашаме како се децата. Сите вработени на одделот за педијатрија ги чувствуваме како дел од семејството. Мојот совет до идните родители - љубовта е најважна и трпението, а с` си доаѓа на свое место. И колку што може, со помалку грижи да се помине тој период - нагласува Данаиловски. Според педијатрите, причините за предвремено породување обично се од страната на мајката и причини од страна на децата. - Причини што зависат од мајката - најчесто се работи за постоење хронични болести пред почнување на бременоста, покачен крвен притисок, дијабетес и други хронични болести што може да доведат до предвремено породување. Некои од тие болести може да се јават и во текот на бременоста, но се ризик-фактор за таа предвреме да заврши. Нередовните контроли пред с`, може да доведат до пропуштање на можна инфекција што може да се јави во урогениталниот тракт и да биде причина за предвремено породување. Потоа, една од причините може да биде и аномалиите на урогениталниот тракт, повеќеплодната бременост најчесто завршува со предвремено породување (придонес дава и ин витро-фертилизацијата каде што се случува да има повеќе од еден плод ) - вели д-р Душко Фидановски, шеф на одделот за педијатрија во Kлиничката болница „Аџибадем Систина“. Тој додава дека се битни и условите во кои живее родилката, консумирање алкохол, медикаменти, дрога, пушење цигари, но и возраста (премлади под 18 години или по 35 година). - Од страна на новороденото, главен ризик-фактор се инфекциите што може да се пренесат од мајката на бебето, а на второ место се вродените аномалии на дигестивниот и кардиоваскуларниот систем. Совет е нормален хигиено-диететски режим, урамнотежена исхрана, нормална активност, грижа во текот на бременоста и најважната работа е редовно посетување гинеколог-акушер кој ќе ги направи сите потребни испитувања и ќе ги следи сите параметри што би укажале на проблем. Редовната гинеколошка грижа и редовните контроли се најдобра превенција, а доколку е потребно - треба да се даде и терапија за да се одложи или спречи предвременото породување - нагласува Фидановски.
Љубица Балабан
Едно од 10 деца во светот предвреме доаѓа на свет
На светско ниво предвреме родени се речиси 10 отсто од бебињата, односно едно од 10 деца се раѓа предвреме. Предвреме породување значи секое породување што настанало пред комплетна 37. гестациска недела. С` што е под 37. гестациска недела се смета за предвреме завршено раѓање на прематурно дете. Процентот на недоносени деца постојано расте. Пред 10-15 години беше речиси 7-8 проценти, сега веќе е до 10 отсто. На ниво на Македонија мислам дека процентот е повисок – 12 отсто - вели д-р Душко Фидановски.
Дневник.мк