Доењето и забите на вашето бебе
Често се велеше дека доењето (особено навечер, пред легнување) може да предизвика расипување на забите. Интересен е фактот дека пред да почнат да се користат шишенцата, расипувањето на забите кај бебињата било многу поретка појава. Според резултатите од едно истражување, доењето не предизвикува расипување на забите.
Пиење и доење
Една од главните причини за расипувањето на забите е фактот дека бебињата кои пијат од шишенца ја задржуваат течноста во својата уста, а со тоа нивните заби се изложени на истата, и се посклони на расипување. Од друга страна, мајчиното млеко не може да се задржи во устата на бебето на ист начин бидејќи млекото не тече доколку бебето не цица активно. Исто така, при цицањето млекото оди веднаш зад забите на бебето, па така тоа мора активно да голта.
Бактеријата ги напаѓа запчињата
Причина за расипување на забите е бактерија која се наоѓа во забниот плак. Оваа бактерија ги користи шеќерите од храната за да произведе киселина што директно влијае врз расипувањето на забите. Бактеријата се развива во комбинација со шеќери, мала количина плунка и плунка со ниско ниво на Ph вредност. Речиси 20% од светската популација е склона на зголемено ниво на оваа бактерија која го зголемува ризикот од расипување на забите. По никнувањето на првите запчиња, бебето лесно може да ја преземе оваа бактерија преку контакт со плунката на мајката или друг преносител. Со цел да го спречите пренесувањето на бактеријата, избегнувајте каков било контакт со плунката на вашето бебе, од типот на јадење од иста лажица, пиење од иста чаша, бакнување во уста, џвакање на храната за вашето бебе или ставање на цуцлата на бебето во вашата уста.
Од друга страна, едно истражување посочува дека мајките треба да имаат зачестен контакт со цел бактеријата да му се пренесе на бебето, но пред да му излезат првите запчиња. На овој начин, сметаат докторите, ќе се направи еден вид заштита или имунизација кај бебето од оваа бактерија.
Доењето и забите
Рековме дека мајчиното млеко не предизвикува кариес, но тоа не значи дека доените децата понатаму се имуни на расипување на забите предизвикано од разни други фактори. Мајчиното млеко, исто така, содржи лактоферин, компонента која на некој начин ја уништува бактеријата која ги напаѓа запчињата на децата.
Едно истражување, направено со цел да се следат промените на Ph вредноста во денталниот плак, исто така заклучува дека мајчиното млеко не предизвикува кариес туку во нормални околности антителата кои бебето ги внесува преку мајчиното млеко имаат заштитна улога.
Водете редовна орална хигиена
Покрај сѐ, најдобро е уште од самото излегување на првите заби на бебето да му ги миете двапати во денот или, пак, по секој оброк да му давате по една голтка вода со цел да ги исплакне забите. Исто така, не дозволувајте му на детето да биде постојано со шишенцето в рака, така ќе спречите тоа постојано да има течност во устата која би можела да предизвика расипување на забите. Расипувањето на забите е директно поврзано со количината и времето на контакт на шеќерната супстанца со забите.