Малиот планинар Војдан го искачи најтешкиот врв во животот, по 2 месеца си оди дома
Силни светла, медицински персонал кој е постојано во акција, непрекинато отчукување на машините, многу инкубатори и мали бебиња кои се борат да ги победат сите тие апарати и самостојно да функционираат. Со оваа слика секојдневно се среќаваат родителите на предвремено родените бебиња. Некои остануваат таму само неколку дена, некои, пак, поминуваат подолго време пред да заминат дома. Заедничко за сите нив е тоа што примаат голема љубов и поддршка од тимот на неонатална интензивна нега и од своите семејства. Заедно поминуваат низ многуте предизвици кои ги носи предвременото раѓање.
Со солзи радосници, нашите медицински сестри денес го подготвуваа малиот Војдан за дома. Роден е во 28. недела од бременоста, со тежина од само 850 грама и 33 сантиметри должина. Тој тргна по стапките на мама и тато, па уште од многу мал почна да ги освојува врвовите. Со неговите 850 грама успешно почна да се искачува низ височините на животот. Конечно, рачето на Војдан се спои со мама и тато, направија заедница наречена семејство. Денес тој си оди дома. Сега со тежина од 1730 грама.
Гордите родители велат дека се презадоволни од условите и тимот на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, особено од персоналот на Одделот за неонатална интензивна нега, местото кое изминативе два месеца беше нивен втор дом.
„Д-р Бобан Сарџовски на 20 јуни ни ја соопшти најголемата радост во животот, нè израдува со нашето прво бебе. Ѝ благодариме и на д-р Снежана Палчевска, која беше наша најголема поддршка и најголем учител додека нашата најголема љубов беше на интензивна нега. Се надеваме дека Војдан ќе тргне по нашите стапки и ќе се трудиме да му ја пренесеме љубовта кон планините“- објаснија родителите.
Во прегратките на мама е најубаво
Малиот Војдан, пак, како да претчувствуваше дека нешто се подготвува. Си оди дома. Овој пат мама и тато не си одат сами, си одат заедно со Војдан.
Семејство Анастасови, ви посакуваме уште многу искачени врвови и успеси во животот.
https://mail.acibademsistinababy.mk/majkite-raskazaa/34-majkite-raskazaa/837-vojdan-anastasov#sigFreeId9c27954866