Компликации кај бременост со близнаци
Повеќеплодовата бременост има повеќе ризици отколку бременост со еден плод. Од повеќе аспекти близначката бременост спаѓа во групата ризични бремености. Тоа е разбирливо ако се има предвид дека растот на два плода во матката врши двојно оптоварување на организмот, матката е поголема и потешка па со тоа и притисокот на соседните органи се зголемува повеќе отколку кај единечна бременост. Добивањето на тежина е поголемо. Во почеток на бременоста најчесто мачнините и повраќањето со поназначени отколку кај единечна бременост. Некои компликации кои се поврзани со повеќеплодовата бременост се следниве:
- Предвремено породување – една од најчестите компликации кај повеќеплодовата бременост е предвременото породување. Нормално, бременоста трае 40 недели, а за терминско породување зборуваме ако е комплетирана 37. гестациска седмица. Поради растот на два (или повеќе) фетуси во матката, таа двојно се зголемува и затоа многу порано од 37. гестациска седмица може да се јават контракции и да започне раѓањето.
- Ниска родилна тежина – како последица на предвремено породување или нарушена плацентарна функција и нарушена исхрана на плодовите.
- Прееклампсија или бременост комплицирана со висок крвен притисок – оваа компликација два до три пати почесто се јавува кај жени со повеќе плодова бременост за разлика од жените кои носат само еден плод.
- Гестациски дијабетес е почест кај повеќеплодова бременост во споредба со единечна. Ова се должи на зголемување на нивото на хормоните од плацентата, со што се зголемува и резистентноста кон инсулин.
- Синдормот на близначка трансфузија се развива во случаи на бременост со идентични близнаци. Во овој случај се нарушува рамнотежата на протокот на крв помеѓу близнаците па како последица едниот прекумерно може да расте и да има зголемена количина плодова вода, а другиот да не расте, да има намалена количина плодова течност, да страда од недостиг на крвоснабдување. Оваа состојба е високоризична и за двата плода.
- Абрупција на плацентата – Оваа состојба се јавува кога плацентата се одвојува од ѕидот на матката пред породувањето. Почеста е кај повеќеплодова бременост и заради обилноста на крвавењето, како и нарушување на коагулацијата може да биде животозагрозувачка и за мајката и за плодовите.