fbpx

Естетски корекции по породување

За време на бременоста телото на секоја трудница се менува и потребни се најмалку девет месеци по породувањето за да може да се нормализира. Но, доколку не можете да чекате или овој процес се одвива многу бавно, можете да донесете одлука за естетска корекција со која телото ќе го вратите во нормала. Пластичната хирургија е опција само доколку вашата општа здравствена состојба е добра. За најчестите естетски корекции кои се спроведуваат по породување разговаравме со д-р Илија Мостров, специјалист по пластична хирургија.

Подигање на дојките

За време на бременоста млечните жлезди се подготвуваат за доење и доаѓа до зголемување и промена на масното ткиво во дојките. По породувањето дојките се намалуваат во обем и како резултат на овие промени се јавува вишок кожа. Вишокот кожа не може да се намали со вежби, па вашите дојки ќе изгледаат како празни и вреќасти. Првата опција за естетска корекција е подигање на дојките, а втора можност ако дојките се празни е подигање и полнење со имплант.

Затегнување на стомакот

Промените во пределот на стомакот се неизбежни по породување. Мускулна слабост, вишок на кожа без еластицитет, лузни од царски рез или кила на предниот адбоминален ѕид се само дел од промените кои се очекувани. Овие промени ги фрустрираат жените и прават тие да се чувствуваат непријатно. Еластицитетот и лузните можеби ќе поминат, па затоа почекајте пред да се одлучите за естетска корекција. Естетската операција се препорачува по 9 месеци до 1 година по породување. Доколку кожата не се повлече и е оштетена, а не се очекува и подобрување со вежбање, се препорачува да се направи абдоменопластика. Со оваа постапка се отстранува вишокот кожа која најчесто е оштетена (стрии, лузни) и вишокот поткожно масно ткиво. Ако е потребно се прави и зацврстување на мускулот.

Липосукција

Липосукцијата е најчесто употребувана метода во ес- тетската хирургија и идеално решение за редукција на масното ткиво. Многу жени по бременоста не можат да го изгубат масното ткиво складирано во пределот на колковите, бутовите, задникот и надлактиците.

Пигментации

Chloasma се пигментирани промени на кожата кои се јавуваат во текот на бременоста. Некои студии тврдат дека 50% од жените добиваат пигменти на лицето, стомакот или перинеумот. Доколку овие промени не се повлечат, се препорачува третман со eCO2 ласер.

Лузни и стрии

Лузните по царски рез се црвени и розеникави. Со текот на времето тие ја губат бојата, омекнува- ат и стануваат понезабележливи. И овој проблем може да се реши со eCO2 ласер. Стриите кои се јавуваат во текот на бременоста најчесто се локализирани во пределот на стомакот и натколениците. Дел од нив спонтано се коригираат, но голем дел од нив остануваат како печат на нашето тело. За стриите најчесто се препорачува ласерски третман кој дава одлични резултати. Се избелува пигментацијата на стриите и тие стануваат помалку забележливи.